Албанскиот премиер Еди Рама порача дека прашањата поврзани со случајот „Монструм“ и со други случаи што ги засегаат Албанците треба да ги третираат институциите во Македонија. На прес-конференцијата на Ќафасан тој нагласи дека пријателските односи меѓу двете земји не треба да значат мешање во нивните внатрешни работи.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто не зборувал за овие случаи, Рама рече дека Македонија е независна и суверена држава, а Албанците ги опиша како државотворен народ во неа.
„Прашањата за кои вие зборувавте, тие треба да се прашања кои што треба да ги третираат институциите во Северна Македонија“, рече Рама.
Тој додаде дека албанските политички партии во земјава треба да ги пренесуваат овие прашања и да постапуваат преку институциите. Порача и дека не би водел политичка кампања во Македонија во корист на некоја албанска партија.
Рама истакна дека е отворен за комуникација со албанските политичари, но дека постои граница што не смее да се премине со интервенција во внатрешните работи на државата.
Во одговорот се осврна и на личните односи со политичарите, наведувајќи дека е пријател и со премиерот Христијан Мицкоски и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Според Рама, пријателството е дополнителна вредност во односите, а идејата дека треба да биде пријател само со Мицкоски или само со Албанците во Македонија ја оцени како неприфатлива.