Македонија

Одбраната на Едровска тврди дека нејзиниот проект бил безвреден без општинска дозвола, која Деко никогаш не ја побарал

Одбраната на Едровска тврди дека нејзиниот проект бил безвреден без општинска дозвола, која Деко никогаш не ја побарал
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

„Изготвениот проект од Милка Едровска можел да му служи на инвеститорот само за домашна употреба, а никако пред институции, бидејќи тој не поминал низ законска ревизија.“

Ова е главниот аргумент на одбраната на инженерката Милка Едровска и фирмата „Венци Проект“. Нејзиниот адвокат се обидува да го сруши обвинението тврдејќи дека документите што таа ги потпишала немаат причинско-последична врска со трагедијата.

„Не е само сменета насловна, туку состојбата беше иста“

Одбраната ги негираше наводите на Обвинителството дека Едровска само ја сменила насловната страница на стариот елаборат од 2012 година за да го прикаже како нов во 2023 година. „Станува збор за целосно нов елаборат. А тоа што фактичката состојба внатре изгледа иста, е затоа што на терен ништо не беше променето – истата улица и паркинг места постоеле и во 2012 и во 2023 година,“ појасни адвокатот.

„Виновен е инвеститорот, не проектантот“

Клучната теза е дека инвеститорот (Дејан Јованов) е тој што потфрлил во процедурата. „Дури и да бил изготвен проектот, инвеститорот не го дал на ревизија и не побарал од Општина Кочани пренамена на објектот. Тој знаел дека согласност нема да добие бидејќи Деталниот урбанистички план (ДУП) на таа локација не предвидува угостителство. Затоа, тој проект бил неподобен да предизвика правно дејство,“ тврди одбраната.

Адвокатот заклучи дека дури и да имало грешка во сообраќајното решение, тоа е „административно прашање“, а не кривично дело кое може да предизвика пожар и смрт.

ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ МИЛКА ЕДРОВСКА?

(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)

Милка Едровска се товари за „Тешки дела против општата сигурност“. Обвинителството тврди дека таа:

  • Изработила „Основен проект“ без задолжителните фази (статика, електрика, машинство) и без елаборат за пожар.
  • Во 2023 година, користејќи го стариот документ, само ја сменила насловната страница и датумот, за да му овозможи на Дејан Јованов да добие лиценца, иако не извршила увид на лице место .
  • Изработила сообраќајно решение каде паркинг местата биле нацртани на државно земјиште, што е спротивно на правилникот .
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни