Со излагање на воведните зборови на одбраната во судницата во Идризово, денеска продолжи главниот судски процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Адвокатскиот тим на обвинетиот Џеваир Камбери истакна дека нивната цел е, како што рекоа, „да се утврди вистинската одговорност, а не да се создава нова жртва“. Според нив, Камбери бил ставен во позиција на неправедно обвинет и „претворен во жртва на правни конструкции“.
Одбраната: Камбери немал законска обврска за инспекциски надзор
Адвокатите тврдат дека обвинителниот акт е заснован на погрешни претпоставки и оти Камбери немал никаква законска надлежност да врши теренски увид или контрола на безбедносните услови во угостителските објекти.
„Камбери имал исклучиво административна улога – обработка на барања за лиценци врз основа на поднесена документација. Министерството за економија не е инспекциски орган, а тој не е инспектор“, посочија одбраната, додавајќи дека Државниот пазарен инспекторат е тој што има надлежност за надзор.
Според нив, обвинувањата за пропусти во контролата се целосно правно неосновани и не можат да се доведат во причинско-последична врска со трагичниот настан.
„Клубот работел без важечка лиценца“
Одбраната посочи дека на денот на пожарот клубот работел без активна лиценца, што, според нив, целосно ја прекинува правната врска со какви било административни постапки на Камбери.
„Објектот работел нелегално, што претставува нерегистрирана дејност. Во комбинација со употребата на пиротехника во затворен простор, тоа е клучниот фактор за трагедијата“, истакна одбраната, додавајќи дека одговорноста е кај оние што дозволиле незаконско работење и користење пиротехника, како и кај инспекциските служби кои не постапиле навреме.
Оспорување на обвинувањата за поткуп и фалсификат
Камбери е обвинет и за два случаи на наводно примање поткуп. Одбраната тврди дека се работи за легални финансиски трансакции со јасно наведена цел и дека нема докази за противправно дејствие.
„Не постојат материјални докази, не се пронајдени средства, ниту се користени одбележани пари. Графолошкото вештачење не го поврзува Камбери со потписите, а тој не бил ниту овластен да чува печати на Министерството“, рекоа адвокатите, додавајќи дека обвинението се темели на „погрешни толкувања и претпоставки“.
За делото фалсификување исправи, одбраната најави дека ќе презентира „цврсто алиби“ за обвинетиот.
37 обвинети во главниот процес
Во главниот процес на обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти кои, според обвинението, директно довеле до трагедијата во „Пулс“.
Паралелни постапки
Покрај главниот предмет, во тек е и посебна постапка против полициски службеници осомничени за давање лажни уверувања и дозволување на работа на објектот без исполнети технички и безбедносни услови.
Изминатата недела, Обвинителството отвори нова истрага и против група вработени во УЈП, осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Процесот го води судечки совет предводен од судијката Диана Груевска Илиевска.