По барање на јавната обвинителка, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје беше одложено судското рочиште против поранешниот директор на Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, Филип Андов – Сокол, и уште неколку вработени во затворот, обвинети за овозможување спровод на осуденици за приватни потреби.
На почетокот на денешното рочиште беа доставени листите на докази, со што беше заокружена доказната постапка, а судскиот процес требаше да продолжи со изнесување на завршни зборови. Сепак, на предлог на јавната обвинителка, Судот одлучи рочиштето да се одложи и да се презакаже за 26 декември.
Обвинителката образложи дека барањето за одлагање е поради потребата од дополнителна подготовка на завршниот збор, како и поради итни и неодложни обврски во рамки на нејзиното постапување во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Барам одлагање заради подготовка на завршниот збор, воедно имам итна работа во рамките на моето постапување во ОЈО ГОКК кое не трпи одлагање“, изјави таа пред Судот.
Андов – Сокол и другите обвинети претходно изјавија дека не се чувствуваат виновни. Обвинителството дел од обвинетите ги товари за злоупотреба на службената положба и овластување, а дел за несовесно работење во службата.
Судскиот процес ќе продолжи на закажаното рочиште со изнесување на завршните зборови на странките.

