Претставници на Европскиот Парламент ја посетија земјава, но не за туризам, туку како што рече нивниот претседавач, Туне Келам, во доста критичен момент за Северна Македонија, која ја делат само неколку месеци од денот кога треба да биде известена – дали ќе добие или не датум за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. Келем смета дека земјата е подготвена за преговори, но сепак е неизвесно каква ќе биде одлуката на Европскиот совет.
„Сѐ уште не е јасно дали Европскиот совет ќе биде едногласен во својата одлука, но ние работиме во тој правец, со цел да се обезбеди едногласност“, изјави Туне Келам, претседавач на Комисијата за надворешни работи.
Доколку претседателските избори поминат во фер и транспарентна атмосфера, ова би било дополнителен аргумент за поддршка на Македонија, рече естонскиот европратеник, кој повика на зајакнување на националното единство и продолжување на реформите, особено во правосудство и контрола над корупцијата, како две најважни точки.
“Мислам дека нема време за губење со политички разлики, бидејќи Владата и опозицијата се согласуваат дека евроинтеграцијата треба да се движи напред, дека реформите и новите закони треба да се усвојат и спроведат, што е од голема важност“, додаде Келам.
Иако Европската унија не е совршена, сепак има потреба Македонија да стане нејзина членка, со цел поголема сигурност и стабилност, вели Келам. Тој како претседавач, и шестината членови на Европскиот Парламент, одржаа средби со владините и опозициските претставници, групите на парламентарните партии и претставниците на граѓанското општество.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ