Луксузни апартмани со панорамски поглед кон Скопје, пространи дневни простории, големи тераси и џакузи наскоро би можеле да добијат нови сопственици. Државата повторно ги понуди на продажба трите станови во „Панорама резиденс“, кои беа конфискувани по правосилната пресуда за случајот „Плацеви на Водно“.
Фотографиите објавени на страницата на Агенцијата за управување со одземен имот откриваат дел од луксузот што го нудат становите, а кои обвинителството ги поврзуваше со поранешниот премиер Никола Груевски како скриен имот.
Два од апартманите имаат површина од околу 200 квадратни метри, со тераси од речиси 50 квадратни метри. Нивната почетна продажна цена изнесува по 850 илјади евра, што значи дека квадратниот метар започнува од над 4.000 евра.
Третиот стан е со површина од 150 квадратни метри, но располага со голем балкон од околу 95 квадратни метри. Неговата почетна цена е 760 илјади евра.
Продажбата ќе се реализира преку јавно наддавање, а заинтересираните купувачи ќе имаат можност лично да ги разгледаат становите на 16 јули. Наддавањето е закажано за 29 јули.
Ова не е првпат овие станови да бидат понудени на продажба. Два од трите апартмани веќе биле огласени, но претходните обиди завршиле без успешна реализација.
Во предметот „Плацеви на Водно“, Никола Груевски беше осуден на девет години затворска казна. Според обвинението, тој преку партиски донации обезбедил средства со кои биле купени плацевите и изградени резиденцијалните објекти.
Според пресудата, станувало збор за злоупотреба на околу 1,3 милиони евра средства донирани во ВМРО-ДПМНЕ, кои биле искористени за стекнување имот.
Груевски, кој не ја издржува казната во Македонија, се наоѓа во Унгарија, а постапката за негова екстрадиција сè уште трае.