Официјално ќе стартува новата скијачка сезона на Попова Шапка, СВР Тетово: Целосно да се почитува утврдениот режим за паркирање

На зимскиот туристички центар Попова Шапка, зависно од временските прилики, наскоро и официјално ќе стартува новата скијачка сезона, со што значително ќе се зголеми вкупната динамика на возила и луѓе, особено за викендите, кога и најмногу е посетуван овој познат центар.

За да се избегнат поголеми сообраќајни мешаници и други несакани безбедносни проблеми, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до сопствениците на моторни возила целосно да го почитуваат утврдениот режим за паркирање и наредбите на полициските службеници.

Се вчитува...

На оние кои на Попова Шапка ќе пристигнуваат со возила, исто така, им се советува да ги заклучуваат возилата и во нив на седиштата да не оставаат вредни предмети, паричници, мобилни телефони, чанти, очила за сонце, лаптопови и слично.

Возачите уште еднаш се потсетуваат на законската обврска задолжително да поседуваат зимска опрема, но и крајно одговорно да се однесуваат кон јавната чистота, односно да не ги фрлаат отпадоците каде ќе стигнат, туку во наменски поставените садови.

На сопствениците на моторни санки, пак, им се укажува да се воздржат од возење по скијачките патеки, зашто движејќи се по патеките можат да ја доведат во прашање сопствената и безбедноста на скијачите и на другите присутни покрај патеките.

Овој и наредните зимски месеци, Секторот за внатрешни работи Тетово ќе ги засили планираните превентивни и други активности на Попова Шапка, со цел навреме да се откријат и отстрани евентуалните пропусти и недостатоци од безбедносна и друга природа и соодветно да ги санкционира прекршителитe.

Извор: ТВ21