Официјално падна владата на Србија

На Влада на Србија во средата официјално ѝ заврши мандатот, откако пратениците во Собранието на Србија констатираа дека премиерот Милош Вучевиќ поднел оставка, што повлекува и пад на целата влада.

Законскиот рок за избор на мандатар и нова влада е до 18 април, а доколку тоа не се случи, претседателот на Србија е должен да го распушти Народното собрание и да распише вонредни парламентарни избори, кои би се одржале во рок од 45 до 60 дена, односно на почетокот на јуни.

Опозицијата, поради сомнежи дека изборите во декември 2023 година биле наместени, инсистира на преодна влада или влада на експерти, која во рок од една година би ги воспоставила условите за фер и демократски избори. Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, порача дека „додека е жив“ нема да прифати преодна влада и дека „можат само да го убијат“, бидејќи нема да дозволи „олош“ да ја преземе власта без избори и „да ја уништи Србија“.

Вучевиќ поднесе оставка во екот на студентските протести на 28 јануари, откако претходната ноќ во Нови Сад неколку членови и поддржувачи на Српската напредна странка (СНС), чиј лидер е Вучевиќ, нападнаа група студенти со бејзбол палки, при што на една студентка ѝ скршија вилица.

Опозицијата инсистираше Собранието веднаш да ја констатира оставката на Вучевиќ и падот на владата на првата седница, но тоа не се случи сè додека парламентарното мнозинство не „протурка“ дневен ред со повеќе од 70 точки.

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека од 20 март официјално започнува да тече уставниот рок за избор на нова влада. Владата од утре ќе функционира во технички мандат, без можност за предлагање закони, уредби и извршни одлуки.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.

ПРИКАЖИ ПОВЕЌЕ ВЕСТИ

spot_img

Најважното