Македонија

ОГРОМЕН КОМПЛЕКС СО СПОРТСКА САЛА И ХОТЕЛ ВО КИСЕЛА ВОДА НА Е-АУКЦИЈА: Имотот на „МАНД Интернационал“ проценет на над 8,7 милиони евра

ОГРОМЕН КОМПЛЕКС СО СПОРТСКА САЛА И ХОТЕЛ ВО КИСЕЛА ВОДА НА Е-АУКЦИЈА: Имотот на „МАНД Интернационал“ проценет на над 8,7 милиони евра

Атрактивен деловен имот кој вклучува спортска сала со хотел, лоциран на булеварот АВНОЈ во скопската општина Кисела Вода, е огласен на продажба преку електронска аукција поради стечајната постапка на фирмата „МАНД Интернационал“. Проценетата вредност на целиот комплекс, кој ќе се продава без почетна цена, изнесува 534 милиони денари, односно над 8,7 милиони евра.

Предмет на продажбата е објект со површина од над 15.000 квадратни метри, заедно со околно земјиште од речиси 7.000 квадратни метри.

Електронското јавно наддавање е закажано за 15 септември, со почеток во 11:00 часот, и ќе трае 30 минути. Иако нема почетна цена, стечајниот управник поставил минимален праг за секое наддавање (минимален чекор) од високи 10 милиони денари (околу 162.000 евра).

Право на учество ќе имаат само оние правни и физички лица кои ќе уплатат депозит во висина од 10% од проценетата вредност на имотот, односно околу 870.000 евра, најдоцна до 12 септември.

Според условите во огласот, продажбата се врши по принципот „видено-купено“, без право на дополнителни рекламации. Учесниците кои ќе уплатат депозит, а нема да учествуваат во наддавањето, го губат правото на негово враќање. Најповолниот понудувач ќе има рок од осум дена да ја уплати целосната сума зголемена за ДДВ, а во спротивно ќе го изгуби уплатениот депозит. Сите дополнителни трошоци околу купопродажбата паѓаат на товар на купувачот.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни