Охридскиот Центар повторно го блокира случајот за Невена, игнорирајќи упатства од Министерството и Врховниот суд

Во повторената судска постапка за случајот со мајката Невена Спасеска, повторно се отвора спорот околу надлежноста на Центрите за социјална работа. И покрај јасните насоки од Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и од Врховниот суд, дека за предметот е надлежен Центарот за социјална работа во Скопје, охридскиот Центар повторно се обидува да се вклучи во давањето мислење за старателството, пишува A1on.mk.

Претходниот директор на Центарот во Охрид, Игор Еленчевски, поради спротивставување на ставовите на Министерството, се соочи со кривична пријава. Основното јавно обвинителство во Охрид потврдува дека предметот е во тек, се преземаат дејствија и се испитуваат наводите, а одлуката ќе биде донесена по завршување на сите истражни активности.

Министерството утврди дека Еленчевски, и покрај писмените укажувања, испратил мислење до охридскиот суд, иако за случајот е надлежен скопскиот Центар. Сега јавноста го следи прашањето дали сегашниот директор на Центарот во Охрид, Славчо Ристески, ќе ги повтори чекорите на својот претходник или ќе ги следи насоките на Министерството и Врховниот суд.

Врховниот суд, во пресудата со која предметот е вратен во повторена постапка, нагласи дека при утврдување на „најдобрите интереси на детето“ треба да се земе предвид фактот дека детето живее во Скопје, неговата адаптација на средината и можните последици од евентуална промена. Судот потврди дека Министерството на 31.10.2024 година јасно утврдило дека надлежен за предметот е Центарот за социјална работа во Скопје, и дека судовите се должни да го почитуваат ставот на институцијата што врши надзор врз работата на Центрите низ државата.

Дополнително, Врховниот суд оцени дека пониските судови во укинатите пресуди не ги утврдиле доволно и сигурно најдобрите интереси на детето, ниту сите релевантни факти и околности за одредување на старателството.

Министерството за социјална политика, демографија и млади потврди за A1on.mk дека останува на истиот став: надлежен за да даде мислење за старателството е Центарот за социјална работа во Скопје, а не Охрид.