Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје издаде наредба за обдукција на телото на починатото 2-годишно дете. Оваа постапка треба да даде официјален одговор за точните причини што довеле до трагичниот крај на младиот живот.
Наредбата е дел од стандардната процедура за да се утврди дали постојат елементи на кривично дело или се работи за смрт предизвикана од здравствени компликации/несреќен случај.
Надлежниот обвинител ги очекува наодите од Судска медицина.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во изјава за медиумите информираше дека за време на новогодишната ноќ се случиле два сериозни инцидента – убиство на турски државјанин со нож, во Скопската чаршија, и случај на тешко повредено двегодишно дете, на, како што рече, засега непознат начин, кое било во животозагрозувачка состојба во Клиничкиот центар-Скопје.
Тошковски посочи дека повредата на детето е од „метален фрагмент кој во тој момент не можел детално да се специфицира“.
– Има повеќе теории на случај за тоа како е повредено детето. Штом точно ги утврдиме причините за настанување на оваа тешка телесна повреда ќе ја информираме јавноста – рече Тошковски.
