Македонија

Околу 1.200 граѓани побарале медицинска помош во Гостивар поради стомачни тегоби

Околу 1.200 граѓани побарале медицинска помош во Гостивар поради стомачни тегоби

Голем број граѓани од Гостивар во изминатите неколку дена побарале лекарска помош поради симптоми кои се поврзуваат со проблемот со водоснабдувањето во градот.

Како што информираат од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ за „Фокус“, во установата биле пријавени околу 1.000 до 1.200 пациенти со симптоми како повраќање, дијареја, болки во желудникот, покачена температура и општа слабост.

„Во врска со епидемијата која се шири во Гостивар овие 3-4 дена, заради која имаме голем број на пациенти на кои им е дадена медицинска помош во нашата установа, направивме и зајакнување на медицинскиот персонал во одделенијата каде има голем број пациенти“, информирале од болницата за „Фокус“.

Најголем број пациенти со овие симптоми, според болницата, се згрижени на Инфективното одделение, Детското одделение и Ургентната единица.

Од установата додаваат дека на сите пациенти им била укажана медицинска помош и им била дадена соодветна терапија.

„Овој број на пациенти е надвор од редовните бројки на пациенти во нашата установа“, велат од Гостиварската болница за „Фокус“.

Случајот следува по информациите за сомневања дека водата за пиење во Гостивар била загадена. Според информации објавени од „Фокус“, повикувајќи се на СВР Тетово, постои сомневање дека при обиди за зголемување на притисокот во водоводната мрежа дошло до мешање со отпадна вода.

Надлежните институции продолжуваат со проверки за утврдување на причините и за состојбата со квалитетот на водата во градот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни