На тендерот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за доделување одобрение за нов мрежен оператор, единствена понуда достави компанијата „Оне Македонија телекомуникации“, во сопственост на унгарската „Фор-ај-џи“.
Комисијата за спроведување на јавната постапка денеска на отворањето на понудите констатираше дека понудувачот ја доставил целата потребна документација. „Постапката ќе продолжи согласно законот. Следува евалуација на документите, по што ќе биде изготвен извештај“, изјави претседателот на Комисијата, Игор Бојаџиев.
Како што беше најавено, конечната одлука ќе биде донесена по завршување на локалните избори, доколку понудата биде во целосна согласност со законските услови.
Иако тендерската документација ја подигнаа три компании, само една од нив официјално поднесе понуда. Според условите на постапката, потенцијалниот нов мобилен оператор треба да започне со работа до крајот на 2026 година.