Патувањето преку македонските граници станува побрзо и поефикасно со воведувањето на One Stop системот, кој веќе функционира со Србија и Косово, а наскоро се очекува да биде воспоставен и со Албанија.
Со овој модел, наместо две одделни гранични проверки, граѓаните поминуваат само една заедничка контрола, што значително го намалува времето на чекање и го олеснува движењето на патниците и стоката.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека системот веќе дава резултати на граничниот премин Табановце, каде и покрај зголемениот број патници во летниот период за околу 15 до 20 проценти, времето на чекање е значително намалено.
Заедничките гранични контроли функционираат и на преминот Блаце – Елез Хан, додека со пуштањето во употреба на системот на Јажинце – Глобочица е заокружена имплементацијата на One Stop моделот со Република Косово.
Следен чекор е договорот со Република Албанија, со што Македонија ќе воспостави ваков систем со сите соседни држави кои не се дел од Шенген зоната.
Според надлежните, One Stop системот не претставува само административна промена, туку значајна инвестиција во подобра регионална поврзаност, олеснета трговија, развој на туризмот и поголема безбедност на границите.
Со неговото целосно спроведување, Македонија ќе биде меѓу првите земји во регионот со ваков модел на заеднички гранични проверки со сите свои соседи надвор од Шенген зоната.