Онколошките пациенти повторно се соочуваат со недостиг од лекови – нема биолошка терапија за рак на дојка

Повторно дел од онколошките пациенти се соочуваат со недостиг од неопходни лекови. Речиси еден месец нема биолошка терапија за рак на дојка, а во последните денови недостига терапија и за пациенти со меланом и карцином на бели дробови, алармираат од Здружението „Хема – Онко“.

Ана Марјановиќ од здружението вели дека доцнењето на тендерските процедури и административните пречки се причината поради која тешко болните пациенти остануваат без терапија.

„Тендерот беше објавен многу доцна, иако уште од почетокот на февруари знаевме дека лековите ќе недостигаат. Се надеваме дека постапката ќе заврши пред празниците и дека лековите ќе стигнат пред 1 Мај. Во спротивно, пациентите ќе останат без терапија повеќе од месец и половина“, изјави Марјановиќ.

Од Клиниката за онкологија информираат дека тендерската постапка за годишната набавка е при крај, и дека договорите со добавувачите ќе бидат потпишани до крајот на следната недела или веднаш по Велигден.

„Постапката е завршена од страна на ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија и моментално се наоѓа на управна контрола во Бирото за јавни набавки. По нејзиното завршување ќе се потпишат договорите со добавувачите“, соопштија од установата.

Дополнителен проблем претставува и недостигот на лекови во аптеките за таблетарна терапија, која треба да ги растовари гужвите на Клиниката. Пациентите велат дека зголемениот буџет за онкологија не се одразил врз квалитетот на услугите.

„Буџетот се зголеми за три милијарди денари – благодарни сме, но засега нема реален ефект. Најголем проблем и понатаму се долгите редици поради недостиг на персонал. Нови вработувања нема, ниту пак се ангажирани оние со договор на дело. Не знаеме зошто се доцни толку многу“, додава Марјановиќ.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното