Свет

Опасна супербактерија се шири во европските болници, инфекциите зголемени за 72 отсто

Опасна супербактерија се шири во европските болници, инфекциите зголемени за 72 отсто

Болничките инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици стануваат сè поголем предизвик за здравствените системи во Европа. Особена загриженост предизвикува клебсиела пневмонија, бактерија која може да се пренесува од пациент на пациент, а некои нејзини соеви веќе покажуваат отпорност на речиси сите достапни антибиотици, предупредува Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Според најновите извештаи на Центарот, бројот на инфекции на крвотокот предизвикани од клебсиела пневмонија отпорна на лекување се зголемил за 72 проценти во периодот од 2019 до 2025 година. Овој тренд е далеку од европската цел за намалување на ваквите инфекции за пет проценти до 2030 година.

Инфекциите со оваа бактерија претставуваат сериозна опасност за хоспитализираните пациенти, а стапката на смртност обично се движи меѓу 40 и 70 проценти. Анализите покажуваат дека одредени соеви стануваат отпорни и на поновите антибиотици, што го отежнува лекувањето и го зголемува ризикот од тешки компликации и смрт.

Кристијан Гиске, кој ја раководи работата на оваа тема во ЕЦДЦ, оценил дека податоците за клебсиелата се „најголемата причина за загриженост“ меѓу информациите за супербактериите собрани во Европа во изминатата година, пренесува „Политико“.

Антимикробната резистенција, односно способноста на бактериите и габите да развијат отпорност на лековите наменети за нивно уништување, претставува сериозна закана за јавното здравје. Според процените, таа годишно предизвикува околу 35.000 смртни случаи во Европската Унија, Исланд и Норвешка.

И покрај одреден напредок, Европа сè уште заостанува во исполнувањето на целите за намалување на инфекциите отпорни на лекови до 2030 година. Дополнителен проблем е ограничениот број нови лекови што можат да се користат во лекувањето на ваквите инфекции.

Болниците пред нов предизвик

Бидејќи клебсиелата може да се пренесува од пациент на пациент, ЕЦДЦ предупредува дека болниците мора да ги зајакнат мерките за спречување и контрола на инфекциите.

Меѓу најважните мерки се редовната и правилна хигиена на рацете, соодветната употреба на лична заштитна опрема, вклучително и ракавици, како и темелното чистење и дезинфекција на болничките простории.

Мерките за контрола на инфекциите веќе дале значителни резултати во борбата против МРСА, позната и како златна стафилокока отпорна на лекови. Сепак, според Гиске, клебсиелата е многу потешка за сузбивање, а дури и мал пропуст при чистењето може да придонесе за нејзино ширење.

Тој објаснил дека клебсиелата е цревна бактерија и дека во организмот може да има посилни резервоари од кои продолжува да се шири.

За разлика од неа, инфекциите на крвотокот предизвикани од МРСА во 2025 година биле за 19 проценти помалку отколку во 2019 година. Со тоа е надмината европската цел за намалување од 15 проценти до 2030 година.

Проблем претставува и ешерихија коли отпорна на лекови. Иако целта е нејзините инфекции до 2030 година да се намалат за 10 проценти, во периодот од 2019 до 2025 година нивниот број во ЕУ се зголемил за 16,4 проценти.

Употребата на антибиотици и натаму е предизвик

Експертите нагласуваат дека е неопходно антибиотиците да се употребуваат рационално и само кога се потребни, бидејќи нивната прекумерна употреба придонесува за развој на отпорност кај бактериите.

Според најновите процени, потрошувачката на антибиотици во ЕУ во периодот од 2019 до 2025 година се намалила за пет проценти. Сепак, тоа е значително под поставената цел за намалување од 20 проценти до 2030 година.

Одреден напредок има во изборот на посоодветни антибиотици. Во 2025 година, 62,5 проценти од употребуваните антибиотици во Европа ги исполнувале критериумите на Светската здравствена организација, што е приближување кон целта од најмалку 65 проценти.

„И понатаму заостануваме во исполнувањето на неколку цели на ЕУ за 2030 година во борбата против антимикробната резистенција“, изјавила директорката на ЕЦДЦ, Памела Ренди-Вагнер.

Како една од важните алатки во борбата против отпорните бактерии се издвојува геномскиот надзор, кој им овозможува на надлежните институции побрзо да го следат нивното ширење.

Според Ренди-Вагнер, оваа технологија овозможува навремена реакција за спречување на пренесувањето, подобро насочување на терапијата и утврдување каде се најпотребни нови антибиотици.

Во меѓувреме, Европа подготвува и нови фармацевтски прописи, кои се очекува да стапат во сила во декември. Мерките предвидуваат поттикнување на развојот на нови антибиотици преку дополнителни поволности за фармацевтската индустрија, вклучително и продолжување на пазарниот монопол и редовни плаќања од државите за набавка на лековите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни