Општина Чашка за првпат доби градоначалник Албанец, ДУИ прогласи победа на Суат Шаќиров

Суат Шаќиров, кандидатот на ДУИ за градоначалник на Општина Чашка, е новоизбраниот градоначалник, објави партијата која го номинираше во рамките на коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ). Во Горно и Долно Јаболчиште, каде живее околу пет илјади Албанци, се одржуваат прослави по повод победата.

„Во Општина Чашка имаме историски резултат – за прв пат оваа општина ќе биде предводена од кандидат на Националната алијанса за интеграција“, изјави Арбер Адеми од ДУИ.

Суат Шаќиров претходно беше организациски директор на Клиниката за пулмологија за време на владеењето на коалицијата СДСМ-ДУИ.

На изборите во Општина Чашка учествуваа уште двајца кандидати – Горан Стојановски од СДСМ и Дејан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ. Наспроти декларативната конкуренција меѓу албанските партии, „Вреди“ не номинираше кандидат за градоначалник во Чашка. Претходно, општината функционираше под коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со градоначалник Горан Стојановски и претседател на Советот Трајко Мишковски.

Во Општина Чашка се запишани 6.141 гласачи, а според пописот од 2021 година, општината има 7.942 жители, од кои 4.032 се Албанци.