Младите жители на Општина Центар и натаму можат да аплицираат за субвенција од 10.000 денари за обука и полагање возачки испит за Б-категорија. Од локалната самоуправа информираат дека мерката се спроведува во текот на целата година, а од јануари до крајот на октомври финансиска поддршка веќе добиле 149 жители.
Градоначалникот Горан Герасимовски го поздрави интересот за оваа мерка и ги повика младите кои ги исполнуваат условите да поднесат барање и да ја искористат можноста.
„Ме радува што сè повеќе центарци ја користат оваа можност. Со субвенцијата од 10.000 денари помагаме на семејствата да ги намалат трошоците, а младите ги охрабруваме да станат одговорни и совесни возачи“, порача Герасимовски.
Право на субвенција имаат младите родени во 2006, 2007 и 2008 година.
Од Општина Центар посочуваат дека годинава е направена и измена во начинот на исплата. Средствата не мора да се уплатуваат исклучиво на трансакциската сметка на кандидатот, туку може да бидат исплатени и на сметката на неговиот родител.
За аплицирање потребно е да се достават барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и потврда дека автошколата во која се одвива обуката е регистрирана на територијата на Општина Центар.
Документите се поднесуваат во архивата на Општина Центар, во барака број 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.