Владата на САД покрена постапка за затворање на организација за дарување човечки органи во Кентаки, јави Скај Њуз. Според Министерството за здравство на САД, против групата „Мрежа за надеж“ биле поднесени претставки за „постојани пропусти во безбедноста“.
Во пријавата се тврди дека членови на организацијата вршеле притисок врз лекари да ги исклучат апаратите за одржување во живот и да извадат органи од маж кој покажувал знаци на освестување по предозирање со дрога. На крајот, операција за вадење органи не била извршена.
Оцелениот маж застана до министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот и ја раскажа својата приказна, заблагодарувајќи се за напорите оваа незаконска практика да биде сопрена.
„Мрежа за надеж“, една од околу 55 организации за обезбедување органи што го координираат преносот на органи од починати дарители и помагаат во нивното совпаѓање со пациенти на листата за трансплантација во САД, соопшти дека „категорично не се согласува“ со одлуката и ќе поднесе жалба. Според организацијата, донорска агенција не може да прогласи нечија смрт — тоа може да го направи само лекар во болницата каде што се лекува пациентот. Дури по таквата констатација, одговорноста за починатиот преминува на донорската агенција, која потоа бара потенцијални приматели и закажува операции за вадење органи.
Повеќе од 100.000 луѓе се на листата за трансплантација во САД, а најголемиот дел чекаат бубрег. Минатата година биле извршени рекордни 49.000 трансплантации.