Оркестарот на МОБ реагира на објавата на СКРМ: „Без консултација беше изнесена целата документација“

Оркестарот на Македонската опера и балет (МОБ) денеска јавно се огласи во врска со објавата на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) на Фејсбук од 22 јануари 2026 година, во која беше посочен случај поврзан со обоистката Ирина Петрушевска и со гостин-диригентот Амбарцумјан.

Во соопштението оркестарот наведува дека колешката Петрушевска е музичар со повеќе од 30 години искуство, која важи за еден од најдобрите обоисти во земјата.

„Квалитетот на нејзиното свирење е неспорен“, посочуваат музичарите, додавајќи дека сепак во колективот мора да владее меѓусебно почитување и професионално функционирање.

Оркестарот тврди дека во минатото имало повеќе реакции од колеги и странски диригенти во однос на однесувањето на Петрушевска за време на проби и изведби, но дека со години проблемите биле „ставани под тепих“ заради „мир во куќа“.

Во однос на гостин-диригентот Амбарцумјан, оркестарот потсетува дека тој со МОБ соработува од 2006 година и дека има диригирано повеќе од 40 претстави.

„Доколку стануваше збор за човек кој навредува и омаловажува, неговото доаѓање досега ќе беше санкционирано од дирекцијата или оркестарот“, стои во реакцијата.

Тие потсетуваат дека во минатото имало случаи кога оркестарот остро реагирал на несоодветно однесување на странски диригенти, по што следеле санкции со поддршка од дирекцијата.

Оркестарот изразува незадоволство што целата ситуација, како и документацијата од постапката, биле објавени на социјалните мрежи без претходна консултација со членовите.

„Еднострано се искористи ситуацијата и без никаква координација се објави текстот на профилот на СКРМ, пред да започне правната постапка“, наведуваат тие.

На крајот, оркестарот порача дека како членови на МОБ и на синдикатот на СКРМ даваат поддршка за завршување на веќе започнатата правна постапка.