Со едногласна одлука на Генералното собрание, Орце Ѓорѓиевски повторно е избран за претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Ѓорѓиевски информира дека на денешното собрание повторно ја добил довербата од општините да ја води ЗЕЛС, при што изрази благодарност до членовите на Управниот одбор, како и до новоизбраните потпретседатели Изет Меџити и Горан Герасимовски.
Тој оцени дека претстојниот мандат има потенцијал да остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и продлабочувањето на процесот на децентрализација. Според него, оптимизмот се темели на неколку клучни фактори, меѓу кои и фактот дека поминаа 20 години од започнувањето на децентрализацијата, период во кој локалната власт созреала и изградила јасна визија за неопходните реформи.
Како втора причина, Ѓорѓиевски го истакна искуството и човечкиот потенцијал во рамки на ЗЕЛС, нагласувајќи дека повеќе од половината градоначалници имаат најмалку еден мандат зад себе, а дел од нив и долгогодишен континуитет. Дополнително, искуствата од енергетската криза, според него, покажале дека обединетоста во рамките на ЗЕЛС овозможува изнаоѓање решенија и справување со сериозни предизвици.
Тој посочи и дека за разлика од минатото, денес постои јасна поддршка и партнерски однос со Владата и премиерот Христијан Мицкоски, што резултирало со ревидиран Меморандум за соработка и видлив инфраструктурен развој во општините.
Ѓорѓиевски нагласи дека ЗЕЛС претставува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичката, етничката или верската припадност. Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026–2030 година, како што посочи, јасно се дефинираат приоритетите за настап во дијалогот со централната власт.
Во изминатиот период, ЗЕЛС активно учествувала и во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што било прифатено долгогодишното барање за воспоставување општинска комунална полиција.
Во наредниот период, фокусот ќе биде насочен кон посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и кон обезбедување поголема финансиска стабилност на општините. Најавено е продолжување на лобирањето за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги.
„Пред нас стојат уште многу важни прашања, но со заеднички пристап и јасна визија уверен сум дека ќе постигнеме конкретни резултати“, порача Ѓорѓиевски.