Орце прифати дебата со Амар, ќе се соочат на Канал 5

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека ја прифатил поканата за учество во телевизиска дебата со својот противкандидат Амар Мециновиќ, која ќе се одржи во организација на Канал 5 телевизија.

„Почитувана јавност, драги скопјани, сакам да ве информирам дека ја прифаќам поканата за дебата со мојот против кандидат Амар Мециновиќ, која до мене ја достави Канал 5 телевизија. Тоа е прва телевизија со национална концесија која достави покана за дебата“, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук-профил.

Тој додаде дека граѓаните заслужуваат отворена и аргументирана дебата, во која секој кандидат ќе има можност да ги претстави своите визии, програми и решенија за иднината на главниот град.

„Транспарентноста и почитта кон граѓаните се темели на вистинска демократија, а токму тоа ќе го покажеме и овој пат“, порача Ѓорѓиевски.

Дебатата на Канал 5 ќе биде прва телевизиска соочување меѓу двајцата кандидати за градоначалник на Скопје, што се очекува да предизвика големо внимание во јавноста.