Министерството за внатрешни работи работи на расветлување на случајот со оштетениот споменик посветен на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија, сместен во паркот „Жена борец“ во Скопје. Според денешниот билтен на МВР, во полицијата било пријавено дека е откорната и одземена спомен-плоча од споменикот, при што е употребена физичка сила.
За вандалскиот чин првично реагираше архитектката Даница Павловска – Циги, авторка на споменикот, истакнувајќи ја сериозноста на штетата.
Инцидентот се случил на 9 април, кога од споменикот бил украден бакарен релјеф со мотив на мајка со три деца, а биле отстранети и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“. Освен тоа, биле украдени околу 10 метри метални цевки од фонтаната која е дел од комплексот, како и оштетени неколку мермерни плочи околу самата конструкција.
Споменикот е поставен во 1988 година, по повод Првата светска средба на децата бегалци, која се одржа од 30 јуни до 3 јули истата година.