Османи: Бугарската заедница нека се обединува во клубови, но да не ги повредуваат чувствата на останатите граѓани

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи во интервју за БТВ, посочи дека следната недела планирал да ги покани бугарските здруженија на собир, а според законот мора да ги сменат имињата.

Следната недела планирам да ги поканам бугарските здруженија на собир, каде што ќе направиме план како да овозможиме бугарската заедница да ја декларира својата припадност, нејзиниот идентитет и културна припадност, да се интегрира во општеството, изјави Османи во интервјуто за бТВ.

„Бугарската заедница во Северна Македонија е во период на консолидација и на интегрирање во општеството. Со оглед на фактот дека и јас потекнувам од малцинска група, која на почетокот исто така имаше проблеми со нејзиното обединување и интеграција, се чувствувам најсилно повикан да ја советувам бугарската заедница дека треба внимателно да го направи овој процес, без да предизвика негативни чувства кај останатите, да покаже дека нема злонамерност во иницијативите кои ги покренува. Ние ја охрабруваме бугарската заедница да се обедини во клубови, да отвори повеќе клубови. Но ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од имињата на бугарските клубови, треба да ја разбереме оваа чувствителност на народот.И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница“, појаснува шефот на дипломатијата.

„Очигледно е дека имињата што се избрани, без разлика колку историски и научно ќе ги толкуваме улогите на овие личности во историјата, чувството во поголема мера во Северна Македонија е дека овие имиња се провокации. Ова е доволно. Како што кажав за случајот со Христијан. Не ми е важно што ќе покаже истрагата. Важно ми е што родителот на Христијан вели дека бил нападнат поради неговата бугарска етничка припадност. А мене ова ми е доволно за денес да дојдам во Софија и да испратам порака. Истото треба да го чувствува и бугарската заедница. Не треба да влегуваме во вистинска научна дебата за улогата на овие историски личности. Ако мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од ова, да ја разбереме оваа чувствителност на народот. И верувајте дека тоа е во интерес на бугарската заедница“, додаде Османи.