Министерот за надворешни работи Бујар Османи истакна дека Австрија е стратешки партнер заради конзистентноста и поддршката што ја дава на Западен Балкан и посебно за Македонија и таа конзистентност се манифестира и во Брисел, во Скопје и Софија и затоа сме благодарни.
„Исклучително сме благодарни за охрабрувањето што Австрија и го дава на земјава. Да се има пријател како Австрија во непосредното соседство на Западен Балкан е исклучително важно. Зборувавме Македонија како кредибилен партнер на ЕУ, земјава го усогласи своето законодавство 45 отсто со европското. Зборувавме за неопходноста од стратешко лидерство на ЕУ кон регионот“, рече Османи.
Шефот на македонската дипломатија кажа дека Унијата сега треба да го покаже своето лидерство што го покажа во 2004 година.
Османи, исто така, потсети дека Австрија е прв инвеститор во земјата со над 50 поголеми австриски компании што се присутни овде, со што се отвораат и нови работни места во државава.