Османи: Македонија е коспонзор на Резолуцијата на ОН за комеморација на геноцидот во Сребреница – Вулин: Нивниот глас не значи ништо, можеа да се воздржат!

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска одржа прес конференција на која информираше дека Република Северна Македонија ја коспонзорираше Резолуцијата на ОН насловена “Меѓународен ден за рефлексија и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995“ а во која една од главните точки е воспоставување на ден за одбележување на масакрот од Сребреница, на 11 јули секоја година.

Резолуцијата е на предлог на Босна и Херцеговина коспонзорирана иницијално од САД и Германија. Истата пред Генералното собрание на Обединетите Нации ќе биде претставена на 17 април 2024 година, а ќе се гласа на 2 мај 2024 година.

По оваа изјава, прв со реакција се јави поранешниот шеф на безбедоносната агенција БИА и поранешен министер за одбрана, лидерот на Движењето на социјалистите, Александар Вулин, кој порача дека Македонија можела барем да се воздржи, ако веќе не може да ја поддржи Србија.

„Србија е единствената земја што граничи со Северна Македонија и никогаш не побарала од нејзе да го смени името, историјата, уставното уредување или официјалниот јазик. Кога се викаа Поранешна Југословенска Република Македонија и Скопје, ние ги нарекувавме Македонија. Со нив делевме лекови за време на епидемијата на КОВИД, им ги дадовме нашите резерви од жито, брашно и шеќер, а СПЦ на Македонската црква и овозможи независност и име. Северна Македонија за сето тоа им се заблагодари на Србите со признавањето на таканареченото Косово и сега со ентузијастичко учество во резолуцијата која треба да ги прогласи Србите за геноцидна нација“, вели Вулин.

Според него, северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку не можат да ја поддржат Србија.

„Северна Македонија навистина треба да го смени јазикот заедно со името и историјата, како што бараат Бугарите, навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам“, додава Вулин.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното