Министерот за надворешни работи Бујар Османи, најави дека во прва посета како претседавач со ОБСЕ ќе отпатува во Украина.
„Планирам да отпатувам во Украина при мојата прва посета како претседавач со ОБСЕ бидејќи (темата за) Украина веројатно ќе доминира во претседавањето, иако се надевам дека околностите ќе се променат во текот на годината, така што ОБСЕ ќе има поинаква улога во воспоставувањето мир и прекинот на агресијата. Но, планирам да отпатувам во Киев на мојата прва посета некаде кон средината на јануари, откако на 12 јануари во Виена ги презентирав приоритетите на претседателството“, рече Османи.
Тој истакна дека во моментов нема мисија на ОБСЕ во Украина откако Русија стави вето на нејзиното продолжување и земјата ќе мора да најде начин како претседавач да ја обнови организацијата во Украина. Според него, ќе биде потребна вештина, дипломатија, активност сите различни гледишта да се претворат во одлуки кои ќе бидат важни за одржување на организацијата. Османи ги коментираше сложените меѓународни односи, нарушената безбедносна архитектура во Европа, истакнувајќи ја активната воена агресија на една земја-членка врз друга земја-членка на Организацијата како посебен предизвик за враќање на функционалноста на самата организација.
„И тоа не е лесно. Многу е тешко, и искрено кажано, тоа е најтешкото нешто во политиката. Да се најде начин да се убедат двете страни на дијалог е тешко дури и во обичниот живот, а во политиката е уште потешко. Но, обичните луѓе. Граѓаните, цивилите – тие сакаат мир и стабилност. И тоа е нашата почетна точка – народот, се работи за народот“, рече Османи.