Во рамки на дводневна работна посета на Брисел, потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи, остварува средби со високи претставници на европските институции и Европскиот парламент, информираат од ДУИ.
Според партиското соопштение, Османи денеска ја започнал агендата со средба со Андреја Вихер Вајт и Аделе Марсуло од кабинетот на еврокомесарката за проширување Марта Кос. Потоа се предвидени одделни средби со европратениците Владимир Пребилич, Тајс Ројтен и Матијаж Немец.
Од ДУИ наведуваат дека во сите разговори главен акцент бил ставен на две клучни прашања – загриженоста околу, како што велат, нарушувањето на Охридскиот рамковен договор и состојбата со процесот на европска интеграција на земјата.
Османи, како што се додава, предупредил дека постои организиран процес кој води кон уривање на темелите на мировниот договор, при што веќе се создава правен и политички вакуум кој може да доведе до нестабилност и потенцијални злоупотреби од надворешни фактори.
Тој воедно укажал на итната потреба од деблокирање на евроинтегративниот процес, истакнувајќи дека земјите од регионот веќе бележат напредок, со посебен осврт на Црна Гора и Албанија.
Османи нагласил дека и внатрешната стабилност и европската интеграција бараат храбри и одговорни политички одлуки дома, како и континуирана поддршка и јасна посветеност од страна на европските партнери.
