Основниот суд Битола денеска реагираше на последните тврдења и критики кои се појавија во јавноста, истакнувајќи дека станува збор за непроверени, невистинити и нецелосни информации. Судот нагласува дека го почитува правото на слобода на говор и правото на граѓаните да го изразат своето мислење, но апелира за воздржаност и проверка на информациите.
„Судиите од Основниот суд Битола подолг период се предмет на неосновани критики и напади од страна на различни извори – новинари, граѓани или политички субјекти. Пласирањето на непроверени и невистинити информации сериозно ја нарушува довербата во судството и интегритетот на судиите и вработените, кои несебично работат за навремено и квалитетно извршување на своите задачи“, се наведува во соопштението.
Судот посочува дека сите тврдења кои се изнесуваат од сомнителни извори најостро се демантираат и се отфрлаат како невистинити. Воедно, Основниот суд Битола апелира до јавноста да ја проверува точноста на информациите пред нивно споделување, за да се зачува довербата во институцијата и да се заштитат основните човекови права на граѓаните.
„Ние како судија и вработени, чесно и професионално ја извршуваме нашата работа во услови на недостаток на кадар, посветено и одговорно“, велат од судот.
Со оваа реакција, Основниот суд Битола сака да ја истакне својата посветеност кон законитост, професионалност и интегритет, како и важноста на објективно информирање на јавноста.
