-Ова е парцелата на која треба да биде изградено основно училиште во Мала Речица. Иако со години властите на општина Тетово ветуваа, сепак парцелата и понатаму е празна. Овие снимки од нашата камера покажуваат во каква состојба е парцелата-вели репортерот на ТВ21, Мевљудин Имери.
За изградбата на ова училиште, покрената е и петиција потпишана од над 400 семејства од оваа област. Амет Али Реџа, претседател на Иницијативниот одбор за изградба на училиштето, вели дека иницијативата датира уште од 2007 година. Уверува дека тогаш доставиле барање и во Амбасада за обезбедување средства за изградба на училиштен објект.
-Градоначалничката на општината дојде на собир тука и рече – јас ќе го изградам. Ние не ѝ дозволивме да одржи собир на местото каде треба да биде училиштето. Го покани и премиерот. Премиерот рече – јас за три години од мојот мандат ќе го изградам училиштето. Не мрднаа ниту со мал прст за училиштето-рече Али Реџа.
Али Реџа вели дека со изградбата на училиштето ќе бидат решени проблемите на околу 900 ученици од ова населено место, кои во моментов наставата ја следат поделени во неколку училишта. Некои од нив одат во училиштето „Перпарими“ во Мала Речица, а некои пак во „Наим Фрашери“, во Тетово. Од општината велат дека тие ги завршиле сите нивни обврски и дека доставиле барање и до Владата, и до Министерството за образование за изградба на училиштето. Од власта бараат ова прашање да биде приоритет.
-Очекуваме наскоро да започнат со реализирање на активностите и како што рече премиерот, но и министерот за образование, час поскоро да заврши овој проект и учениците од тој дел од градот да добијат ново основно училиште-вели Ќазими.
Од Владата пак, велат дека се во постојана координација со образовните власти. Иако побаравме став, сепак и по четири дена чекање не добивме никаков одговор од МОН. Инаку, во февруари годинава, министерот Адеми изјави дека стои на располагање и вети дека доколку не се изнајде решение, МОН директно ќе се вклучи во изградба на училиштето во Мала Речица.
-Ние како Министерство за образование и наука стоиме на располагање за во случај ако не се обезбедат потребните средства, тогаш ние како Министерство ќе се вклучиме директно за Мала Речица да добие основно училиште-вели Адеми.
Инаку, во изборната кампања во 2017 година, изградба на училиште вети и самиот премиер Заев, кој ја придружуваше актуелната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи на изборен собир, кој се одржа токму на парцелата на која треба да никне училиштето. Во тоа време, како премиерот, така и градоначалничката, беа пречекани со протести.
РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ