Осум доживотни затворски казни беа изречени денеска во случајот со смртоносниот пожар што избувна во јануари во луксузен хотел на турски скијачки центар, во кој загинаа 78 лица, јави турската приватна телевизија НТВ. Меѓу жртвите, 34 беа малолетни деца кои го поминувале зимскиот распуст со своите родители во хотелот. Вкупно 137 лица беа повредени во трагедијата.
Меѓу 11-те осудени на доживотен затвор со строг режим се сопственикот на хотелот, Халит Ергјул, неговата сопруга Емине Ергјул и нивните ќерки Елиф Араз и Џејда Хаџибекироглу, кои биле дел од раководството на хотелот. Дополнително, доживотни казни добија главниот менаџер Емир Арас, управителот Зеки Јилмаз, заменик-градоначалникот на Болу Седат Ѓуленер, директорот на друг хотел Ахмет Демир, финансискиот директор Кадир Јоздемир, заменик-началникот на противпожарната служба Кенан Џошкун и пожарникарот Ирфан Аџар.
Сите 11 осудени лица добија и дополнителни 44 затворски казни од по 24 години и 11 месеци за смртта на останатите жртви, без право на намалување на казните, објави „Туркије Тудеј“.
Вкупно 32 лица беа обвинети во случајот, од кои 20 беа судени во притвор. Обвинителството ги товареше сопствениците, менаџерите на хотелот и општинските службеници за сериозни безбедносни прекршувања и небрежност. Некои од обвинетите беа товарани за „убиство со веројатна намера“, додека други за „предизвикување смрт и повреди преку свесна небрежност“.
Поради големиот број обвинети и комплексноста на случајот, судската седница се одржа во специјално адаптирана сала во локално училиште во провинцијата Болу, со засилени безбедносни мерки.
Пожарот избувна на 21 јануари во кујната на 12-катниот хотел и се проширил поради дрвената фасада, според првичните наоди. Трагедијата предизвика гнев во јавноста поради неадекватноста на безбедносните мерки. Истражните органи утврдиле бројни нерегуларности кои можеле да се отстранат и со тоа да се избегне високата смртност.
Објавувањето на пресудите беше дочекано со аплауз во судницата. Сепак, критичарите истакнуваат дека во судскиот процес не беа вклучени функционери од Владата и Министерството за туризам.