Густата магла утрово предизвика целосен колапс на авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Утринава пистата е празна, а десетици летови се откажани, оставајќи голем број патници заглавени.
Поради намалената видливост, откажани се летовите на:
- „Виз Ер“ (Wizz Air): Кон Дортмунд, Брисел, Париз, Љубљана, Базел, Меминген и Венеција;
- „Кроација Ерлајнс“: Кон Загреб;
- „Туркиш Ерлајнс“: Кон Истанбул.
Аеродромот е празен – авионите „спиеја“ кај соседите
Ситуацијата е дополнително комплицирана бидејќи во моментов на скопскиот аеродром нема ниту еден авион. Ниту еден од шесте базирани авиони на „Виз Ер“ вчера не успеал да се врати во базата во Скопје.
Наместо дома, авионите биле пренасочени и слетале на аеродромите во регионот: Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид.
Видливост под 100 метри
Причината за хаосот е екстремно намалената видливост која паѓаше под 100 метри. Ова е далеку под безбедносните стандарди за инструментално слетување од Категорија 1 (CAT I), со која располага скопскиот аеродром.
На аеродромот во Скопје утринава се регистрирани исклучително лоши временски услови. Според метеоролошкиот извештај, видливоста е намалена на само 200 метри, а на пистата 34 изнесува 500 метри, без подобрување. Присутна е замрзнувачка магла, со вертикална видливост од околу 30 метри, додека температурата е минус еден степен. Ветерот е слаб и променлив, а атмосферскиот притисок изнесува 1021 хектопаскал. Надлежните не најавуваат скорешно подобрување на условите, што може да влијае врз редовното одвивање на авионскиот сообраќај.
Вчерашниот биланс беше поразителен – слетаа само три авиони, и само тие успеаја да полетаат во краткиот период на подобрување на времето попладне.
Каде да се информираат патниците?
Од Меѓународниот аеродром Скопје нагласуваат дека аеродромот е физички отворен и персоналот е на своите места 24/7. Тие апелираат до патниците постојано да го проверуваат статусот на летовите.
- Веб-страница: Сите промени се ажурираат во реално време на skp.airports.com.mk;
- Телефонски број: Информации може да се добијат на +389 2 3148 333.
Прогнозата не ветува подобрување
Вестите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) не се оптимистични. Според прогнозата, во Скопје и во наредните три дена се очекува променливо облачно време со појава на магла, што значи дека проблемите во авиосообраќајот би можеле да продолжат.
