Пробното лансирање на најмоќната ракета на „Спејс-Икс“ – „Старшип“, беше прекинато во последен момент поради технички проблем. Компанијата го одложи 13. пробен лет, откако системот автоматски го прекина полетувањето помалку од една секунда пред планираниот старт.
Лансирањето требаше да се реализира од базата „Старбејз“ во Јужен Тексас, во 18:45 часот по локално време, но при активирањето на моторите „Раптор“ се појавил дефект кој предизвикал прекин на процедурата.
„Го прекинавме засилувачот токму кога моторите „Раптор“ почнаа да работат. Ќе ни треба време да истражиме што го предизвика прекинот при палењето на засилувачот за лансирање и потоа да одлучиме како ќе продолжиме“, изјави портпаролот на „Спејс-Икс“, Ден Хаут, за време на директниот пренос.
Извршниот директор на компанијата, Илон Маск, преку платформата „Икс“ соопшти дека дел од моторите не успеале да се активираат, поради што системот автоматски го стопирал лансирањето.
„Сега го истоваруваме горивото. Се надеваме дека ќе имаме нов обид за лансирање по неколку дена“, напиша Маск.
Од компанијата најавија дека мисијата е одложена најмалку 24 часа, додека инженерските тимови ја анализираат причината за дефектот и ги проверуваат сите системи пред новиот обид.