Тим кинески научници открија нов корона вирус кај лилјаци со потенцијален ризик од пренос од животни на луѓе, но не треба да се преувеличува ризикот од негова појава кај човечката популација, објави хонгконгскиот весник „Саут Чајна морнинг пост“.
Студијата беше спроведена од научници од Академијата на науките во Гуангжу, Универзитетот Вухан и Институтот за вирологија Вухан, предводени од вирологот Ши Женгли во лабораторија во градот Гуангжу, во јужната кинеска провинција Гуангдонг.
Научниците идентификуваа нова варијанта на вирусот HKU5 во јапонски лилјак во Хонг Конг, член на семејството на мербековируси, како вирусот што предизвикува Блискоисточен респираторен синдром (МЕРС).
Според истражувачите, идентификуваниот вирус може да се поврзе со човечкиот ензим за конвертирање на ангиотензин (ACE2), истиот рецептор што го користи вирусот Сарс-КоВ-2 што предизвикува Ковид-19 да ги инфицира клетките.
„Ние известуваме за откривање и изолација на различна лоза (лоза два) на HKU5-CoV која може да користи не само ACE2 на лилјак, туку и човечки ACE2 и разни ортолози ACE2 од цицачи“, напишаа научниците во списанието Сел.