Откриена стоногалка со повеќе од 1.300 нозе во Австралија

Научниците во Австралија открија стоногалка со повеќе од 1.300 нозе, што е повеќе од кое било друго познато животно.

Бледата стоногалка наречена „Eumillipes Persephone“ има тело долго околу 95 милиметри, а пронајдена е на длабочина од речиси 60 метри во рударскиот регион во Западна Австралија.

Претходниот рекордер беше калифорнискиот вид стоногалка со 750 нозе, јавува Би-Би-Си.

Научното име на животното – еумилипес значи „вистински илјади стапки“, додека персефоната е референца за грчката митологија, односно кралицата на подземјето што го носи тоа име.

„Ниту една позната стоногалка нема дури 1.000 нозе“, вели ентомологот Пол Марек, главен автор на студијата објавена во списанието Scientific Reports.

Како и многу животни кои живеат под површината на земјата, оваа стоногалка нема очи и е безбојна.

Според студијата, една возрасна женка имала 1.306 нозе, а другата 998.

Двајца возрасни мажјаци имале 818 нозе и 778 нозе.

Стоногалките настанале пред повеќе од 400 милиони години, а денес има околу 13.000 видови.

Коавтор на студијата Бруно Бузато, главен биолог во Bennelongia Environmental Consultants во Перт, Австралија, вели дека стоногалката е „неверојатно животно и чудо на еволуцијата“.

„Ова е најекстремното проширување досега пронајдено кај стоногалките, првите животни што го освоиле копното“, истакна Бузато.