Минатата година, во Македонија не била пречистена ниту четвртина од вкупното количество отпадни води.
Со децении наназад тие претставуваат главен извор на загадување на подземните, но и на речните и езерските води. Иако државата има преземено бројни обврски од европските директиви и ги вклучила во националното законодавство, примената оди многу бавно. Дополнително, во 2024 година бил забележан пораст од 12% во однос на количината на отпадни води споредено со 2023 година. Од нив, 75,5% останале непрочистени, а само 24,5% биле соодветно третирани.
Загрижувачки е и тоа што во некои случаи постои опасност да се изгубат средства од европските фондови, како на пример со проектот за канализацијата во Битола. Еколошките здруженија не веруваат дека во блиска иднина ќе има суштински промени, иако секоја земја-членка на ЕУ е обврзана да изгради пречистителни станици и да ја примени Директивата за урбани отпадни води. Ова е нотирано и во Индикаторскиот извештај за животната средина од 2022 година.
„Заштитата на реките и воведувањето редовно пречистување на отпадните води треба да бидат врвен приоритет, и на локално и на национално ниво. Иако има напредок во намалувањето на загадувањето и подобрување на квалитетот на водотеците, сепак останува уште многу работа“, стои во Извештајот.
На истото укажува и Националната стратегија за води, каде се потенцира дека најважна активност е изградбата на јавна канализација и пречистителни станици.
Според Стратегијата, најголеми загадувачи се општинските канализациони системи што ги собираат отпадните води од домаќинствата и индустријата. Некои реки, како Драгор во Битола, практично се претворени во канали за одведување на фекални и индустриски отпадни води.
Иако надлежните институции со години ветуваат изградба на колекторски систем и пречистителна станица, реализацијата се одвива споро. Граѓаните се револтирани, особено бидејќи користењето на загадената вода за наводнување може трајно да ја контаминира почвата и подземните води. Иако е најавено дека наскоро ќе започне изградбата на пречистителна станица кај Долно Оризари, договорот со изведувачот за канализационата мрежа сè уште не е потпишан.
Доколку проектот не почне навреме, постои реална опасност да се изгубат европските средства, што дополнително ја зголемува недовербата на битолчани дека деценискиот проблем ќе биде надминат до 2027 година, како што им беше ветено.
Читај и ова:
- 1.Северна Кореја ја покажа својата нова ракета на воена парада, вели дека е најмоќна
- 2.Со службено возило на „Партизанска“ поминал преку две полни линии и вклучил флешери, полицијата го казни!
- 3.Го славиме Преподобен Харитон Исповедник
- 4.Скопјанец ја пријавил сопругата во полиција, го тепала со различни предмети!
- 5.Вирална фотографија: Бекам (183 см) помеѓу О’Нил (216 см) и Минг (229 см)