Студентите имаат нова можност да аплицираат за субвенциониран студентски оброк, откако Министерството за образование и наука го отвори рокот за пријавување кој ќе трае од 1 до 5 април 2026 година.
Правото на субвенциониран оброк можат да го користат редовните студенти на додипломски студии со месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите на постдипломски и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјава.
Аплицирањето се врши електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а право на пријава имаат и студентите кои досега не аплицирале, како и оние на кои претходно им било прекинато правото, но сметаат дека ги исполнуваат условите.
Од Министерството информираат дека деталните критериуми и услови се достапни на нивната официјална веб-страница, а за дополнителна помош студентите можат да се обратат преку електронска пошта.
Воедно, се посочува дека поради новите правила за засилена автентикација при плаќања на ПОС терминали, студентите ќе треба да внесуваат ПИН-код при користење на картичките. Доколку ПИН-кодот е веќе познат, не е потребна реактивација.