Основниот граѓански суд Скопје отвори претходна постапка за стечај над фирмата „Соравија Инвест“ ДООЕЛ Скопје, компанија за градежништво и услуги со седиште во трговскиот центар „Соравија Центар“, дознава 4NEWS.mk
Судот ја поведе постапката на 8 мај 2025 година, поради сомнежи за неспособност на компанијата да ги сервисира своите обврски, како и заради значително намалување на имотот. Според решението, стечајниот судија Артон Арифи од Тетово е именуван за привремен стечаен управник кој ќе треба да ја процени финансиската состојба на должникот и да подготви извештај до 2 јуни 2025 година.
Судот го задолжува управникот да утврди дали „Соравија Инвест“ поседува имот доволен за покривање на трошоците за стечајната постапка, да изврши увид во трговските книги и деловната документација на фирмата, како и да обезбеди потврди од повеќе институции, вклучувајќи го и Централниот регистар, дали фирмата има учество во други правни субјекти.
Истовремено, се забранува отуѓување или оптоварување на имотот, како и исплати од сметките на фирмата, освен ако не се одобрени од судот или привремениот управник. Се повикуваат доверителите да ги пријават своите побарувања и гаранции.