Три лица загинаа кога хеликоптер на индиската крајбрежна стража се урна при слетување на аеродромот во градот Порбандар во државата Гуџарат поради силно невреме, јавија денеска локалните медиуми.
Двајца пилоти и еден нуркач загинаа, според извори од секторот за одбрана, објави Хинду.
Тројца членови на екипажот беа извлечени од хеликоптерот со тешки изгореници и итно пренесени во болница, но им подлегнаа на повредите, изјави локален претставник.
Засега не се соопштуваат други детали за несреќата, а истрагата е отворена.
Инаку, густ смог вчера го зафати Њу Делхи, поради што беа издадени предупредувања за можен сообраќаен метеж на аеродромите, а лошиот квалитет на воздухот ја намали видливоста во некои делови од градот, пренесе Ројтерс.
Њу Делхи, кој од почетокот на зимата се бори со смогот и лошиот квалитет на воздухот, е на третото место на листата на најзагадени престолнини во светот, покажуваат податоците на швајцарската групација „IQAir“.
Портпаролот на аеродромот во тој град изјави дека сè уште нема извештаи за пренасочување или откажување летови.
На социјалните мрежи најголемата индиска авиокомпанија „IndiGo“ и „SpiceJet“ исто така ги предупредија патниците за можни доцнења поради временските услови.
Медиумите најавија дека застој ќе има и во железничкиот сообраќај.
Според последниот извештај на индиското тело за контрола на загадувањето, квалитетот на воздухот во Њу Делхи е оценет како „многу лош“, со индекс од 351, што е над нивото од нула до 50, што е оценет како „добар“.