Паника на пистата на меѓународниот аеродром во Денвер откако авион на American Airlines, кој требало да лета кон Мајами, во саботата принудно го прекинал полетувањето поради можно оштетување на тркалото. Патниците биле евакуирани преку итни лизгалки, а едно лице било пренесено во болница со лесни повреди.
Според американската Сојузна управа за авијација (FAA), летот 3023, управуван со авион Boeing 737 Max 8, пријавил „можен инцидент со системот за слетување“ за време на поаѓањето. Во авионот имало 173 патници и шест членови на екипажот.
Во аудио-снимка од контролата на летови, објавена на LiveATC.net, пилотот информирал: „Го откажуваме полетувањето на пистата“, на што контролорот одговорил: „Имате многу чад.“ Неколку моменти подоцна, контролорот додал: „Имаше и пламеници, но чадот сега се намалува.“
Податоци од FlightRadar24 покажуваат дека авионот достигнал брзина од 127 јазли (околу 235 km/h) пред да започне забавување.
Според Меѓународниот аеродром Денвер, авионот бил веднаш пресретнат од итните служби. Противпожарната служба на Денвер потврди дека успеала да го изгасне пожарот кој избувнал на леталото. Шест лица биле прегледани на лице место, а едно лице е префрлено во болница со лесни телесни повреди.
Патникот Марк Цуркис (50) за ABC News изјавил дека слушнал „силна експлозија“ токму кога авионот требало да полета:
“Помислив: ‘Ова не е добро.’ Потоа авионот почна да забавува, и видовме тркало како поминува покрај нас. Кога се запревме, некој викна: ‘Чад, оган!’ И тогаш настапи паника,“ раскажа Цуркис.
Патниците биле вратени во терминалот со автобус, а авиокомпанијата ќе ги превезе кон Мајами со замена лет подоцна во текот на денот. Оштетениот авион ќе биде отстранет од сообраќај и детално испитан.
Во официјалното соопштение, American Airlines им се заблагодари на своите вработени за професионалноста и им се извини на патниците: „Им благодариме на нашите тимови за нивната професионалност и им се извинуваме на патниците за нивното искуство.“
Среќно избегната трагедија – со брза реакција и среќни околности пред вистинското полетување.