Проблемот со сметот во Скопје не е само технички, туку и сериозен здравствен ризик, бидејќи контејнерските локации стануваат извор на храна за глуците и стаорците, јавува Телма. Лекарите предупредуваат дека постојат идеални услови за нивно размножување.
Доктор Никола Пановски за Телма изјави дека, доколку надлежните не реагираат навреме, ќе биде невозможно да се спречи наездата од глодари.
„Ужас, ова го немало ни во најцрните сценарија од учебниците што ги гледавме како студенти – тоа било 16-17 век кога не можело да се собере ѓубрето. Голема среќа е што времето е релативно ладно. Замислете да беше 37 степени – идеално за бактериите и мувите кои пренесуваат разни цревни заболувања, бактерии и вируси,“ предупреди Пановски.
Тој додава дека глодарите лесно можат да навлезат во домовите, особено во неурбанизирани делови од градот каде што има изобилство на отпад и храна.
„Ако чекаме втор круг на избори, па жалби и одлуки, ќе дојде 10 ноември. За тие 20 дена стаорците може да се размножат толку брзо што за еден месец може да има дури 10.000. Тие сега ќе имаат храна, ќе останат на ѓубриштево ако не се превземат превентивни мерки, ако не се тргне, и кога ќе се исчисти градов по 20 дена тие ќе немаат каде да одат, ќе немаат храна и ќе почнат да влегуваат по домовите, по кујните, по шпајзовите…“ изјави Пановски за Телма.