Пар од Калифорнија поднесе тужба поради замена на ембрион

Брачен пар од Лос Анџелес поднел тужба против клиника специјализирана за ин витро оплодување откако било утврдено дека ембрионите се заменети и дека имаат дете од друго семејство.

Кога Дафне и Александар Кардинале првпат го виделе своето новороденче во септември 2019 година, веднаш забележале дека девојчето има потемна кожа и коса од остатокот од семејството, изјавија нивните адвокати.

„Генетските тестови открија дека бебето кое Александар и Дафне го добиле и го чувале неколку месеци не е генетски поврзано со нив. Нивното бебе било биолошко дете на други луѓе“, додале адвокатите.

Според тужбата поднесена во судот во Лос Анџелес, ембрионите на две несродни двојки биле разменети, најверојатно од невнимание и имплантирани на жена која не била донатор на јајце клетки.

Откако ја откриле грешката, двата пара се сретнале и решиле да ги земат своите биолошки бебиња, а таа размена била одобрена од судот.

Меѓутоа, таа грешка оставила траги и страдања, тврди семејството кое бара отштета.

“Раѓањето на нашата ќерка требаше да биде еден од најсреќните моменти во мојот живот. Но, веднаш се потресов и вознемирив што не ја препознав”, рекол Александар Кардинале.

„Кога вистината излезе на виделина, замената на децата беше уште повознемирувачка. Навистина беше кошмар да изгубиш дете што го познаваш и да го добиеш своето дете кое сè уште не го знаеш“, додаде тој.