Голем дел од јавниот транспорт во Киев денеска е запрен поради проблеми со електричната мрежа. Прекините на струјата доведоа до целосно запирање на железничкиот и метро сообраќајот, како и на подвижните скали низ градот, информираат градските власти преку официјалниот Телеграм-канал.
Градоначалникот Виталиј Кличко посочи дека поради пад на напонот во електричната мрежа, метро-станиците функционираат само како засолништа со помош на резервно електрично напојување. „Во Киев, како и во многу други градови низ Украина, дојде до вонредни прекини на струјата. Метро-сообраќајот е запрен поради нестабилност во електроенергетската мрежа“, истакна Кличко.
Градските служби работат на стабилизирање на ситуацијата, но засега не е соопштено кога сообраќајот ќе биде целосно нормализиран, јавува украинската агенција „Укринформ“.
Прекините на електричната енергија претставуваат сериозен предизвик за функционирањето на големите украински градови, каде јавниот транспорт е од клучно значење за секојдневниот живот и безбедноста на населението.
