Македонија

Пари има, но долговите растат – СЈО должи на ЕВН за струја, но и за кирија

Независното ново-формирано јавно обвинителство со голем буџет, тим, услови за работа за само неколку месеци падна на колена. Секојдневно долговите растат, предметите се префрлени во редовното обвинителство, но истрагите и сите докази сè уште се наоѓаат во депото на Резвелтова број 3.

СЈО се дави во долгови. Има пари на сметка, но нема кој да потпише. Бидејќи шефот кој требаше да ја врати правдата и довербата заврши зад решетки и беше разрешена од функцијата. Вработените веќе два месеци се без плата, немаат здравствено осигурување, а СЈО должи и неколку илјади евра за тековни трошоци. Како што дознава ТВ21 има две неплатени сметки за струја, вода, парно, интернет и телефон, а должат и за кирија, бидејќи просториите во кои се сместени се земени под закуп од ЕВН.

Околу безбедноста на истрагите, доказите и предметите од Јавното обвинителство уверуваат дека безбедносните мерки се уште важат.

„Во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите продолжува да се спроведуваат досегашните безбедносни мерки и начинот на движење на предметите, доказните материјали и материјалите од прислушуваните разговори. Контролата над спроведувањето на овие мерки ја вршат двајца јавни обвинители“, велат од ЈО.

Засега на повидок нема решение како да се исплатат платите и да се подмират трошоците, бидејќи само со закон овие надлежности на Јанева би можел да ги превзеде републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Вакви законски измени се предложени, но пратениците од ДУИ инсистирале овие измени да одат во пакет со Законот за јавното обвинителство, кој пак е блокиран поради несогласување на власта и опозицијата.

„Потребни се нови решенија со кои Јавното обвинителство ќе може целосно да одговори на задачите, но и да ги спроведува постапките на ефикасен начин. Со оглед на тоа што донесувањето на новото законско решение е обврска на законодавниот дом, апелираме на заложби за донесување на Законот за јавно обвинителство со кој ќе се обезбедат меѓународните стандарди и принципи за нашето работење“, соопштуваат од ЈО.

Инаку, обвинителите кои беа дел од тимот на СЈО, веќе одреден период се вратени во старите обвинителства од каде што дојдоа, но ова е само на хартија, бидејќигов сѐ уште на работа одат во просториите на СЈО, каде што се наоѓаат и предметите за кои и понатаму се надлежни.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни