Македонија

„Патека на бесконечноста“: Родителите ја претставија својата визија за спомен-паркот на 63-те ангели

„Патека на бесконечноста“: Родителите ја претставија својата визија за спомен-паркот на 63-те ангели

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ го претстави емотивното и архитектонско решение за новиот меморијален простор во Стариот парк, посветен на 63-те сограѓани кои ги загубија животите во трагичниот настан.

Проектот, наречен „Патека на бесконечноста“, е замислен како место на тишина, почит и вечен спомен, кое наместо со агресивни форми, ќе доминира со својата смиреност и човечност.

Симболика на вечноста преку мермер и светлина

Централниот дел на споменикот е пешачка патека во форма на бесконечност (∞), изработена од природен бел мермер. Патеката е дизајнирана да овозможи бавно движење и е целосно пристапна за сите граѓани, вклучително и за лицата со попреченост.

Покрај патеката ќе бидат поставени седум мермерни плочи со достоинствено врежани имиња и презимиња на настраданите. На секоја плоча ќе се наоѓаат по девет имиња со годината на раѓање, вкупно 63, без фотографии и натрупаност, со цел да се зачува мирот и личниот момент на секој посетител.

Простор за молитва и утеха

Проектот предвидува неколку клучни елементи кои го надополнуваат амбиентот:

  • Дискретна светлина: Навечер просторот ќе биде осветлен со топла светлина од подлогата која нежно ги следи имињата, симболизирајќи 63 светлини кои го чуваат споменот.
  • Фонтана со Богородица: Во мирен агол ќе биде поставена скулптура на Богородица со тивок шум на вода, замислена како простор за молитва и мајчинска утеха.
  • Централен простор за цвеќе: Специјално уреден дел за оддавање почит, каде граѓаните ќе можат да остават цвеќе во тишина.

Споменик што се чувствува, а не само гледа

Зеленилото на постојниот Стари парк ќе биде целосно зачувано, а спомен-обележјето нема да има огради, со што просторот останува отворен за сите генерации.

„Ова не е споменик што се гледа, ова е споменик што се чувствува“, велат од Здружението. Целта на ова решение е секој посетител да го напушти местото со чувство на свесност и обврска дека жртвите никогаш нема да бидат заборавени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни