​„ПАТЕКА НА БЕСКОНЕЧНОСТА ЗА 63-ТЕ АНГЕЛИ“: Здружението „16-ти март“ со идејно решение за меморијал во Стариот парк

Здружението на граѓани „16-ти март“ ја презентираше својата визија за нов меморијален простор наречен „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“. Станува збор за иницијатива за уредување на дел од Стариот парк, кој наместо бетонска масивност, ќе понуди спокој, зеленило и достоинствено сеќавање.

​Идејата е да се создаде место кое не е само споменик што се гледа, туку простор што се чувствува – катче каде што граѓаните ќе можат во тишина да оддадат почит.

Се вчитува...

​Симболика на бесконечноста

​Централниот дел на решението е патека во форма на знакот за бесконечност (∞).

Според описот од Здружението, таа ќе биде изработена од природен камен или бел мермер, со нелизгачка површина, пристапна и за повозрасни и за лица со попреченост. Нејзината форма без почеток и крај симболично ја претставува вечноста на споменот и љубовта.

​63 имиња врежани во мермер

​Меморијалниот дел е замислен без агресивни форми и фотографии.

  • ​Ќе бидат поставени 7 мермерни плочи.
  • ​На секоја плоча ќе има по 9 имиња (вкупно 63 имиња) со годината на раѓање.
  • ​Имињата ќе бидат врежани тивко и јасно, овозможувајќи му на секој посетител да застане и да се поклони.

​Светлина и вода за утеха

​Проектот предвидува посебна атмосфера во вечерните часови преку дискретна подна светлина која не заслепува, туку создава впечаток на „63 тивки светлини“.

​Во еден мирен агол од патеката е предвидена фонтана со скулптура на Богородица.

​„Тивко тече вода, се слуша само нежен шум. Тоа е простор за молитва, солза и утеха. Скулптурата не доминира – таа прегрнува со присуство, како мајка што чува“, стои во описот на идејното решение.

​Во централниот дел ќе има подигнат простор за полагање свежо цвеќе, а целата околина ќе го задржи постоечкото зеленило, без огради, отворена за сите добронамерници.