Во услови на зголемена безбедносна неизвесност во одредени делови од светот, сè повеќе граѓани се интересираат дали патничкото осигурување ги покрива ризиците поврзани со воени конфликти и што се случува доколку дојде до ескалација на ситуацијата во земјата на дестинација.
Стандардните полиси за патничко здравствено осигурување по правило не ги покриваат трошоците што настануваат како последица на воени дејствија, терористички напади или граѓански немири. Таквите исклучоци се вообичаена пракса кај осигурителните компании. Во случаи на патување во високоризични подрачја, постојат специјализирани и индивидуално договорени осигурителни пакети, кои се наменети за компании, новинари или хуманитарни работници и значително се поскапи од туристичките полиси.
Граѓаните кои планираат патување се советуваат пред поаѓање да проверат дали нивната дестинација е под официјално предупредување од надлежните институции, бидејќи во такви случаи осигурувањето може да не важи за настани поврзани со конфликт или безбедносна нестабилност.
Во ситуации кога патувањето е веќе започнато, а поради влошена безбедносна состојба или прекин на авио-сообраќајот престојот се продолжува, можно е да се побара продолжување на важноста на полисата. Во зависност од условите на осигурителната компанија, тоа може да биде одобрено со или без дополнителна доплата.
При склучување патничко осигурување важно е внимателно да се прочитаат условите на полисата, особено делот кој се однесува на исклучувањата, лимитите за медицински трошоци и покритието за откажување на патување. Исто така, значајно е да се провери дали полисата важи во конкретната земја и како се контактира асистентската служба во случај на итност.
Патничкото осигурување останува важна заштита за стандардни здравствени ризици при престој во странство, но не ги покрива последиците од вооружени конфликти, освен ако не е склучен специјален договор со проширено покритие.
