Рате е 68 годишен пензионер од Ченто. Десетина години произведува грав и го продава на пазар. Го поддржува донесувањето на законот за зелен пазар зашто смета дека директниот производител, или во овој случај земјоделецот, треба да се заштити.
„Јас продавам зашто немам каде да го дадам. Имам 5 килограми кромид ако се роди годинава и немам каде да го дадам и сум принуден да одам на пазар. Мене купецот ми го зема 20 денари, а го продава за 50 денари. Тоа е монопол. Човекот што има тезга плаќа давачки, тоа ми е јасно. Гравот го зема 80 денара, 160 го продава. Каде е таа економија? Каде е таа логика?“, изјави Рате Вукановски, продавач.
Сепак, Пере кој 16 години продава на овој пазар, не се согласува. Вели дека новиот закон не само што ќе удри по џебот на пазарџиите, туку и двојно ќе го намали нивниот број, а тоа ќе предизвика и намалување на бројот на купувачи.
„Ако можам јас како прекупец да ја земам неговата роба да ја продадам, како може тој како сопственик на робата да не може да ја продаде? Или премногу бара, или не го бива. Ако не те бива, оди си од пазарот. Не го напаѓај пензионерот што сака да работи и зема 10 илјади денари и сака додатна работа. Тој пензионер е спремен да си плати годишен данок од 150 евра. И јас да сум на нивно место и јас би платил само за да си ја надополнам пензијата. А се чувствувам работоспособен“, изјави Пере Јосифовски, продавач.
Од Министерството за економија ни одговорија дека и покрај острите забелешки од пазарџиите, законот сепак ќе стапи на сила од почетокот на следната година. Во петок, министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе се сретне со Комората на пазарџии за да поразговара околу нивните предлози и критики. Најавени се и можни измени на законот, но дури од следната година.
Репортер: Данче Азманова
