Македонија

Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд се засилуваат со 40 нови инспектори

Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд се засилуваат со 40 нови инспектори

Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд до средината на годината ќе добијат 40 нови инспектори, кои по завршување на обуките ќе започнат со интензивни теренски контроли.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека ова засилување е неопходно за подобра контрола на внатрешниот пазар и доследно почитување на законите од страна на трговските друштва.

„Потребни ни се повеќе инспектори за поголема отчетност и ефикасна контрола над сите кои ги прекршуваат прописите“, изјави Дурмиши.

Во моментов, во Пазарниот инспекторат работат 120 инспектори, додека во Трудовиот инспекторат се ангажирани околу 80. Според министерот, кадровското екипирање е приоритет откако овие тела преминаа под надлежност на неговото министерство.

Министерството за економија и труд вечерва реагираше на дел од медиумските објави поврзани со изјавата на министерот Бесар Дурмиши за новиот Закон за забрана на пушење, побарајќи корекција на погрешно интерпретиран дел од изјавата.

Во демантот се посочува дека во прилозите погрешно било наведено дека „40 нови пазарни инспектори ќе контролираат“, и се појаснува дека бројката од 40 се однесувала на вкупниот број инспектори од два инспектората – Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд – кои веќе функционираат во состав на Министерството повеќе од една година.

Од Министерството апелираат за корекција на информацијата со цел, како што наведуваат, јавноста да не биде доведена во заблуда.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни