Поранешниот претседател Стево Пендаровски не ја исклучува можноста повторно активно да се вклучи во политичкиот живот, но вели дека тоа би го направил само доколку се создаде сериозна и широка опозициска коалиција која би имала реални шанси да ја преземе власта.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Пендаровски порача дека сегашната опозиција не може да ја победи владејачката ВМРО-ДПМНЕ доколку настапува разединето.
„Нема друг начин опозицијата, ваква каква што е последниве неколку години, да ја добие ВМРО, владејачката партија, и да ја тргне од власта, ако не се обедини“, изјави Пендаровски.
Тој оцени дека главната причина поради која владејачката партија и понатаму има предност во анкетите е недоволната консолидација на опозицискиот блок. Според него, СДСМ сè уште се опоравува од изборниот пораз и од последиците на низа политички одлуки и случувања од изминатите години.
Осврнувајќи се на најавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за создавање поширока опозициска коалиција, Пендаровски изрази целосна поддршка за таквата идеја, оценувајќи дека само обединета опозиција може да биде сериозен предизвик за актуелната власт.
На прашањето дали има амбиции повторно да се врати во политиката, Пендаровски одговори дека таква можност постои, но само под одредени околности.
„Јас би се вратил во политика само под еден услов: ако се создадат услови да се формира сериозна, широка, голема опозициска коалиција која ќе има шанси да ја собори оваа власт. Немам друга причина да се враќам во политика“, рече тој.
Сепак, додаде дека во моментов не гледа такви предуслови, иако не исклучува тие да се појават во наредниот период.
Пендаровски нагласи дека не размислува за преземање на лидерската позиција во СДСМ и ги демантираше шпекулациите дека планира да формира нова политичка партија. Според него, неговата евентуална улога би била да придонесе во рамките на поширок опозициски фронт, а не да биде носител на нов политички проект.
Во интервјуто тој упати и критики кон стратегијата на СДСМ во однос на прашањето за уставните измени и евроинтеграциите, оценувајќи дека опозицијата треба повеќе да се фокусира на теми како што се економијата, животниот стандард, криминалот и корупцијата, бидејќи токму тие прашања, според него, најмногу ги засегаат граѓаните.